Намалена видливост до 50 м. поради магла има на планинските премини Ѓавато и Пресека, како и во Страцин, Прилеп, Кочани и Струмичката котлина.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, и ќе трае до 15.03.2025 година.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Утрово најниска температура од -4 степени е измерена во Битола. Според соопштението од УХМР, следат Прилеп и Попова Шапка со -2 степени, -1 Лазарополе, 0 во Тетово, Демир Капија, Струмица, Штип, Берово, Кавадарци, Крушево и Маврови Анови, 1 Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Крива Паланка, Претор, Виница, Велес, Дебар, 2 во Куманово и 3 степени во Охрид и Гевгелија.
Најмногу наврнат воден талог има во Дебар 8 л/м2, 3 во Лазарополе, 2 Охрид, Крушево, Попова Шапка и 1 л/м2 во Тетово, Претор, Битола, Прилеп, Виница, Берово, Кавадарци, Гевгелија, Куманово и во Тополчани.
Висината на снежната покривка измерена во 7 часот изнесува 49 см на Попова Шапка, 40 во Маврови Анови, 22 Крушево, 15 Битола, 7 Тетово, 5 Демир Капија и Берово и 4 см во Штип и во Лазарополе.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. По котлините ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер, во западните делови од западен, а во југоисточните од северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12 степени.
