Поголем број на жени од мажи, но и поголем број на будисти за разлика од атеисти.
Резултатите од спроведениот попис донесоа низа изненадувачки и интересни податоци за населението кое живее во Македонија. За разлика од пописот во 2002 кога бројот на мажи изнесувал 50,20% а жени 49.80, 20 години подоцна бројките изгледаат поинаку, сега во земјава живеат 50,4% жени а 49,6% мажи.
Освен најголемите етнички заедници, на пописот за прв пат се појавија и заедници кои досега не биле регистрирани во земјава. На пример, бројот на Филипинци кои живеат во Македонија изнесува 20, Сиријци 16, 9 Кинези но и 18 арапи..а интересен факт е дека дури 344 граѓани се декларирале како Југословени.
Кога станува збор за религиската определба, најголем дел или 46,14% се изјасниле како православни христијани, 32,17% муслимани, на трето место или 242.579 лица се изјасниле како христијани но не навеле за какво христијанство станува збор. А на пописот за прв пат во историјата се појавија и други религиски заедници… Како будисти се изјасниле 894 лица, атеисти 355, 96 лица се изјасниле како следбеници на религијата Хари Кришна.
Поразителен факт е што за разлика 2002-та, дури 207 места кои некогаш биле населени, сега се целосно испразнети и немаат ниту еден жител.
Изненадувачки факт е што во главниот град Скопје бројот на домаќинства изнесува над 171 илјади или компаративно со последниот спроведен попис претставува раст за 16,8% а огромно зголемување се забележува и во бројот на станови… Попишани се 213,850 станови или 30,6% повеќе од 2002.
Во земјава се регистрирани 51 лице на возраст од над 100 години, а најголем процент од населението припаѓа во возрасната група од 40-44 години а просечната возраст на населението е 40 години.
Од вкупниот број попишани, македонскиот е мајчин јазик за 61,38% од популацијата, за 24,34% албанскиот, 3,41% турски а 1,73% ромски.
Иако се уште не е објавено колку се на број, во земјава се попишале и лица кои во графата националност истакнале дека се чувствуваат како марсовци и џедаи.
