HomeАктуелноОбјавен списокот на корисници на субвенции за потрошувачи на енергија во 2025 година

Објавен списокот на корисници на субвенции за потрошувачи на енергија во 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека е финализирана постапката за обработка, оценување и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно е објавен списокот на сите лица и домаќинства кои стекнаа право на субвенција. Право на финансиска поддршка добија домаќинства во кои има лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, лица со најтешка телесна попреченост, потполно слепи лица и потполно глуви лица. Комисиите ја спроведоа целата постапка во координација со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Согласно утврдените резултати, субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во период од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето. Списокот на корисници е објавен на веб-страницата на Министерството за енергетика. Од ресорното министерство потсетуваат дека неплаќање на две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на правото на финансиска поддршка, согласно правилата на Програмата. Финансиската помош се распределува според принципот на најниски приходи и во рамки на расположливиот буџет. Програмата за 2025 година предвидува вкупно 42,3 милиони денари државна поддршка, со цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со посебен фокус на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително, програмата опфаќа и мерки како ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно решавање дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период. Министерството нагласува дека останува посветено на подобрување на енергетската сигурност и социјалната заштита на граѓаните.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер
Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.