HomeАктуелноОд денеска нов режим на паркирање во стариот дел на Охрид

Од денеска нов режим на паркирање во стариот дел на Охрид

Врз основа на Одлуката на Советот на Општина Охрид бр. 08-8559/30 од 9 јули 2026 година, Ј.П. „Билјанини Извори“ – Охрид ги известува граѓаните дека од понеделник, 13 јули 2026 година, започнува примената на посебниот режим на паркирање на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Паркинг-местата на овие улици ќе бидат наменети исклучиво за резидентни жители кои располагаат со соодветна документација за живеалиште на наведените улици, доказ за сопственост или користење на возилото и важечка резидентна налепница. За нив, користењето на обележаните паркинг-места ќе биде бесплатно, согласно донесената одлука.

Од јавното претпријатие информираат дека паркирањето на обележаните паркинг-места е забрането за сите возила кои немаат соодветна резидентна налепница. За возилата што нема да го почитуваат утврдениот режим ќе бидат преземани мерки согласно правилата за паркирање, вклучително и поставување блокатор.

Дополнително, возилата кои ќе бидат паркирани на необележани паркинг-простори, на коловоз или на други јавни површини на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, спротивно на поставената сообраќајна сигнализација, ќе бидат санкционирани од страна на Министерството за внатрешни работи согласно важечките законски прописи.

Ј.П. „Билјанини Извори“ информира дека резидентните жители од наведените улици ќе можат бесплатно да го користат и паркингот во склоп на Општина Охрид до 1 септември 2026 година. За добивање дозвола за користење на овој паркинг, потребно е да се обратат во просториите на претпријатието и да ја приложат потребната документација.

За туристите и останатите посетители на градот е овозможено користење на паркинг-просторите во Б-зона, со можност за купување месечен паркинг-билет.

Воедно, Ј.П. „Билјанини Извори“ ги потсетува правните и физичките лица дека дотурот на стока во стариот дел на градот треба да се врши најдоцна до 10:00 часот.

Од претпријатието апелираат до сите граѓани, посетители и туристи да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и утврдениот режим на паркирање, со цел непречено одвивање на сообраќајот и подобра организација на паркирањето во стариот дел на Охрид.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.