Досега во Македонија се откупени околу 100.000 јагниња по цена од 280 денари за килограм. Според надлежните, во моментов е пикот на откупот, а се очекува процесот да продолжи со исто темпо и во наредниот период.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски истакна дека на одгледувачите на овци им се исплатени сите субвенции по грло заклучно со 2025 година, при што државата исплатила повеќе од една милијарда денари. Тој нагласи дека со ова целосно се затвора поддршката за оваа гранка за изминатиот период.
Според него, исплатите ќе бидат дополнителен стимул во 2026 година за зголемување на сточниот фонд, особено преку задржување на повеќе женски јагниња и развој на овчарството.
Министерот најави дека во 2026 и 2027 година субвенции ќе добиваат и помалите земјоделци кои не ги исполнуваат минималните услови, со цел да им се овозможи постепено да ги достигнат потребните квоти. Како што рече, никој нема да биде исклучен од системот на поддршка.
Одгледувачите на овци ја поздравија исплатата на субвенциите и постигнатата цена, оценувајќи дека тоа позитивно ќе влијае врз развојот на сточниот фонд. Тие посочија дека навремената исплата и дополнителните мерки се клучни за зголемување на производството и задржување на приплодот.
На средбата било разговарано и за тековните предизвици со кои се соочуваат сточарите, со акцент на мерки за понатамошна поддршка и развој на оваа земјоделска гранка.
