НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид продолжува со активностите по повод „Месецот на книгата“, најавувајќи три нови културни настани кои ќе се одржат од 2 до 4 ноември.
Програмата започнува во понеделник, 2 ноември, со креативната работилница „Нов живот за старите книги“, во која ќе учествуваат ученици од ООУ „Кочо Рацин“. Преку техниката оримото, односно уметничко обликување книги со виткање на страниците, старите книги ќе добијат нова креативна форма. Во реализацијата ќе учествуваат и претставници од библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.
Во вторник, 3 ноември, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Бајкоград“ од охридската авторка Ана Цветаноска. Модератор и промотор ќе биде м-р Милчо Јованоски, а извадоци од бајките ќе читаат актерката Христина Цветаноска и Томе Станковски. Настанот е отворен за сите љубители на книгата, а во неговиот втор дел ученици од ООУ „Св. Климент Охридски“ ќе цртаат мотиви инспирирани од книгата.
Програмата завршува во среда, 4 ноември, во 12 часот, со промоција на публикацијата „Авторски ора од Гоце Џуклески“, збирка нотни записи која содржи 76 ора, поделени во две целини – „Македонски ора“ и „Балкански ора“. Промоцијата ќе се одржи во Прличевата одаја, во присуство на авторот д-р Гоце Џуклески.
Со овие активности, охридската библиотека ја продолжува традицијата на одбележување на „Месецот на книгата“, нудејќи содржини што ги поврзуваат литературата, креативноста и македонското културно наследство.
