Македонија влегува во период на облачно, врнежливо и постудено време. Под влијание на циклонска активност, повремени врнежи од дожд се очекуваат од денеска до вторник, а на одредени места тие ќе бидат пообилни.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најинтензивни врнежи се очекуваат во недела и во понеделник, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник.
На повеќе места се прогнозираат над 25 литри дожд на квадратен метар за 24 часа, додека локално вкупната количина во текот на прогнозираниот период може да надмине и 60 литри на квадратен метар.
Денеска времето ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб ветер од северен правец, а температурите ќе се движат од 7 до 12 степени наутро и од 11 до 16 степени во текот на денот.
Во Охрид се очекува променливо облачно време со повремен дожд и максимална температура до 13 степени. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Од среда се очекува стабилизирање на временските услови, со претежно суво време, но пониски температури.
