Ракометниот клуб ГРК Охрид е пред еден од најзначајните предизвици во својата историја, откако на домашен терен ќе го одигра реванш натпреварот од полуфиналето во ЕХФ Европски Куп против екипата на РК Целје.
По првиот натпревар одигран во Словенија, охриѓани се враќаат со активен резултат, откако загубија со минимални 27-26. Иако противникот во текот на средбата имаше и висока предност од седум погодоци, избраниците на тренерот Борис Ројевиќ покажаа борбеност и карактер, успевајќи да ја намалат разликата и да останат во игра за пласман во финалето.
Минималната негатива остава простор за оптимизам пред реваншот, кој ќе се одигра во спортската сала Билјанини Извори, каде се очекува силна поддршка од домашната публика. Интересот за натпреварот е огромен, а билетите се веќе распродадени, што дополнително ја подгрева атмосферата.
Се очекува неизвесен и динамичен дуел, во кој одлучувачка улога ќе имаат цврстата одбрана и ефикасноста во нападот. Тимот на Целје ќе настојува да ја задржи предноста, додека охриѓани ќе влезат со јасна цел – победа и историски пласман во финалето на европската сцена.
Сите предуслови се исполнети за вистински ракометен спектакл во Охрид, кој може да донесе нова, значајна страница во историјата на клубот.
