Поради најавениот екстремен пораст на температурите низ државата, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со низа препораки за заштита од топлотниот бран. Граѓаните се повикуваат да избегнуваат престој на отворено од 11 до 17 часот, да носат лесна и широка облека во светли бои, капи со широк обод и очила за сонце, како и – каде што е можно – да престојуваат во климатизирани простории.
Најголема грижа треба да имаат ранливите групи: постарите од 60 години, децата, бремените жени, хронично болните лица, лицата со прекумерна тежина и оние со ментални нарушувања. ИЈЗ особено апелира до сите што мораат да работат или престојуваат на отворено да прават почести паузи во сенка и да пијат доволно вода, дури и кога не чувствуваат жед.
Никогаш не оставајте луѓе или животни во затворени возила, дури ни за кратко време. Туширајте се со млака вода или користете ладни облоги. Хронично болните задолжително да ја следат својата терапија, по консултација со матичен лекар, предупредуваат од Институтот.
Според најавите на УХМР, денеска не очекува сончево и екстремно топло време. Утринските температури ќе се движат меѓу 11 и 19 степени, а дневните ќе достигнат од 30 до дури 38 степени. Во Скопје температурите ќе се искачат до врели 38 степени Целзиусови.
