Со свечена церемонија денеска во Охрид беше означен почетокот на меѓународниот турнир во стрелање со огнено оружје „Гранд При Лихнидос 2025“. Настанот го отвори градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој во своето обраќање нагласи дека овој турнир претставува симбол на посветеноста кон развојот, промоцијата и унапредувањето на стрелачкиот спорт во градот.
Охрид има богата традиција и се гордее со истакнати стрелци кои постигнале забележителни резултати, како на национално, така и на меѓународно ниво. Особено радува фактот што се појавуваат нови, млади генерации на стрелци – талентирани и амбициозни млади луѓе од кои очекуваме големи спортски успеси и нови рекорди, изјави Пецаков.

Градоначалникот им се заблагодари на организаторите за високото ниво на организација и истакна дека Охрид е горд домаќин на овој спортски настан. Имаме можност да го споделиме прекрасниот Охрид и неговото културно, историско и природно богатство со сите учесници, додаде тој.
Турнирот, кој традиционално се одржува секоја година, претставува значаен спортски настан што го збогатува спортскиот живот во регионот и го зајакнува спортскиот дух и меѓусебната соработка меѓу стрелачките клубови и натпреварувачи од повеќе земји.
На сите учесници им беа посакани многу успех на натпреварувањата, а на гостите пријатен престој во Охрид.
