Охрид долги години беше позната како општина која е една од најзадолжените заедно со Тетово и нашиот долг околу 2013 го достигна пикот и беше околу 36 милиони евра. На прес излегов со пресек дека блокадата, заедно со тековни работи и фактури коишто се завршени долгот е 14.5 милиони евра. Со кого и да разговарав во Охрид сите знаеја дека функционираме под блокада, во 2024 година ја одблокиравме општината, а во 2025 година пренесовме 4 милиони евра на сметка. Така да позитивното финансиско работење е едно од работите на кои што сум посебно горд, рече Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид во своето гостување во поткастот ВМРО-ДПМНЕ зборува со вашиот градоначалник“.
Градоначалникот Пецаков во текот на своето гостување се осврна и на тоа што може да очекуваат граѓаните на Охрид до крајот на неговиот мандат каде наброја неколку проекти.
Почеток на плоштадот Чинар, почеток на катната гаража, повеќе инфраструктура во руралните средини и ќе ја превршиме онаа динамика која што веќе сме ја започнале и наметнале во изминатите 4 години. Јас само можам да замислам како би било да настапивме со позитивна сметка или без долгови или со многу ситно нешто, укажа тој.
Пецаков го истакна и планираниот проект за стратешко водоснабдување по гравитационен пат каде околу 60% од територијата на општина Охрид преку Плакенска планина ќе се снабдува со вода без да се потроши електрична енергија.
Ние сме спремни наредната година да го започнеме стратешкото водоснабдување на градот Охрид по гравитационен пат. Околу 60% од територијата на општина Охрид преку Плакенска планина ќе се снабдува со вода без да потрошиме електрична енергија. Дури може и да го искористиме сиот тој потенцијал кој што самиот извор го носи и за нас ќе претставува голема помош за нормалното водоснабдување на градот, кажа тој.
На крај градоначалникот Пецаков ја посочи и помошта од Владата каде истакна дека како општина аплицирале со 24 проекти и добиле помош од околу 9 милиони евра.
Ние аплициравме за 24 проекти на двата повици од Влада и тоа е некаде околу 9 милиони евра. Тоа е огромна помош, порача тој.
