Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, денеска му честиташе лично на младиот спортски херој Марко Пејчиновски за неговиот најнов подвиг – успешно совладување на „Ironman“ предизвикот долг 107 километри, реализиран на 28 август годинава.
Неговиот подвиг е огромен спортски успех во историјата на Охрид, имајќи предвид дека истиот е постигнат од толку млад човек,истакна Пецаков. Со цел да се вреднува на соодветен начин уникатниот спортски резултат, тој му врачи плакета со лична посвета на Марко, кој, како што рече, со својата упорност и истрајност е вистинска гордост за Охрид и инспирација за целата заедница.
Во рамките на овој екстремен спортски предизвик, Пејчиновски трчаше 7 часа и 47 минути од манастирот „Св. Наум“ до Струга, потоа возеше велосипед 2 часа и 33 минути на релацијата Струга – „Св. Наум“, а предизвикот го заокружи со пливање во траење од 9 часа и 29 минути, на релацијата „Св. Наум“ – Охрид.
Само 19-годишниот Марко Пејчиновски веќе има остварено низа подвизи кои влегуваат во спортската историја на градот. Тој е најмладиот пливач што го препливал Охридското Езеро во двата правци, од Охрид до Свети Наум и назад, а зад себе има и 10 препливувања на различни релации со вкупна должина од 250 километри – што претставува рекорд.
Му посакувам уште поголеми идни успеси, со верба дека неговата спортска приказна ќе биде поттик за многу други млади охриѓани да чекорат по патот на дисциплината, здравјето и спортските предизвици. Општина Охрид ќе продолжи да ги поддржува спортските подвизи на Марко и да дава поддршка онаму каде што е потребна, порача Пецаков.
