Граѓаните и овој месец ги чекаат парите од повратот на ДДВ, кои традиционално легнуваа на сметките помеѓу 10 и 15 во месецот. Иако рокот истекува, голем број корисници кои редовно скенираат фискални сметки сè уште не ја добиле исплатата.
Од Владата велат дека ќе се провери причината за доцнењето.
Од информациите што ги имам, процесот се одвива регуларно. Ќе проверам во Министерството за финансии и УЈП дали има доцнење и веднаш ќе информирам, изјави владиниот портпарол Марија Митева.
Од Управата за јавни приходи објаснуваат дека пресметките навремено ги доставуваат, додека исплатата ја извршува Министерството за финансии. Оттаму уверуваат дека граѓаните ќе ги добијат средствата во законскиот рок.
Исплатата за скенирани фискални сметки преку апликацијата МојДДВ се врши во рок од 60 дена по завршување на кварталот. За третиот квартал (јули–септември) законскиот рок истекува на 30 ноември 2025 година, соопштија од Министерството.
Според последните податоци на УЈП од 11 септември, фискални сметки скенираат околу 503 илјади граѓани, на кои за второто тримесечје им биле исплатени вкупно 14,3 милиони евра преку поврат од ДДВ.
Услугата „МојДДВ“ беше воведена во јули 2019 година, со максимален поврат од 1.800 денари по корисник, кој подоцна беше зголемен на 2.100 денари. Иако проектот во минатото беше критикуван од тогашната опозиција како популистички, актуелната министерка за финансии Кочоска најави дека апликацијата ќе продолжи да функционира, со надградби на системот поради одбивањето на дел од фискалните сметки.
Во моментов не се планира укинување на „МојДДВ“.
