Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, претставуван од ректорот Никола Јанкуловски и Македонско-американската алумни асоцијација (МААА), застапувана од претседателката Верица Јорданова денеска во просториите на УКИМ, потпишаа Меморандум за соработка.
Со заедничка заложба на потписниците за унапредување на образовниот систем, со овој Меморандум, се овозможува постојана размена на искуства, информации и продлабочување на соработката во областа на образованието, културата и уметноста, информираат од УКИМ.
Целта на оваа соработка, нагласуваат оттаму, е поттикнување на долготрајно партнерство, во насока на реализација на практикантска обука, заедничко учество и соработка во проекти, изработка на соодветни анализи и заедничко учество на стручни семинари, трибини, форумски дебати, обуки…, како и размена на експертиза и други прашања значајни за бизнис-заедницата и образованието.
Меѓу другото, страните потписнички се обврзале да се координираат и да ги усогласуваат своите идеи и ставови за заеднички настап во земјата и во странство и да учествуваат во активности од заеднички интерес.
