По европски терк се опремува и усовршува ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“. Денес градоначалникот Кирил Пецаков, претставници од Секторот за образование и „Костал“ беа во посета на училиштето.
Со финансиска поддршка на локалната власт училиштето доби нова најсовремена oпрема која го олеснува воспитно образовниот процес, а на учениците им овозможува пристап до информации велат од Општина Охрид.

По распишан тендер и јавна набавка со средства од Општина Охрид, училницата по информатика се опреми со 25 нови компјутери со високи перформанси. Вредноста на инвестицијата е 580.000 денари. Во четиринаесет училници се монтирани смарт табли со озвучување во вредност од 1.200.000 денари, а набавени се и 180 училишни клупи и столови за кои општината издвои 2. 900.000 денари. Локалната самоуправа заедно со МОН и поддршка на ЕУ обезбедија лифт и тоалети за лица со посебни потреби кои веќе се ставени во употреба. Вкупната вредност на проектот е 6.000.000 денари, додаваат во соопштението.

