Скромно, речиси без ниту еден претставник на државниот врв, во дворот на црквата Свети Спас во Скопје денеска се одбележаа 119 години од смртта на Гоце Делчев. Шефот на државата Стево Пендаровски беше единствениот висок државник, кој се поклони и положи цвеќе на гробот на Делчев.
Во име на Владата и Собранието тоа го сторија делегации, а лично го немаше ниту лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски. Изјави одбија да дадат и претседателот, но и претставниците на власта и опозицијата. Претходно, Пендаровски на својот фејсбук профил напиша дека македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев е светски хуманист со високи интернационални и космополитски погледи.
За поранешната потпретседателка на Собранието Фросина Ременски, која рече дека на настанот дошла како граѓанин, а не како политичар, Делчев не може да биде ништо, освен македонски револуционер.
Километри подалеку од гробот на Делчев, при посета на гевгелиската брана во изградба Конско, премиерот Ковачевски рече дека пораката за светот како поле за културен натпревар меѓу народите, го стави Гоце Делчев во редот на светските хуманисти.
На фејсбук се јави и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој објави досега необјавена статија за убиството на Делчев во германски весник.
119 години од убиството на Апостолот на македонската национална борба за слобода. Човекот кој беше пред времето и го даде животот за Македонија. Слава му! По повод убиството на Гоце Делчев во статијата „Македонските масакри“, објавена во Der Deutsche Correspondent на 29.05.1903, p. 4. кој досега е необјавен документ во македонската јавност, пишува:
Македонските масакри Берлин, 27 мај – „Франкфуртер Цајтунг“ објавува депеша од својот македонски кореспондент, во која се истакнува дека за време на крвопролевањето извршено од османлиските трупи на 10 мај во селото Баница, во близина на Серес, сите жители на селото, со исклучок на петнаесет души, биле заклани без разлика на возраста и полот. Во Баница живееја илјада и петстотини семејства. Веста дека масакрот бил последица на присуството на македонскиот востанички лидер Делчев во Баница, се чини дека е потврдена. Војничките трупи биле испратени да го убијат страшниот Делчев, или да го фатат жив. Меѓутоа, задачата воопшто не била лесна, бидејќи Македонците се собрале околу својот водач и им приредиле топол пречек на Османлиите кога овие упаднале во селото. Дури после една долга и очајничка борба, малкуте борбени Македонци потклекнале пред бројната надмоќ на веројатно тројно супериорните османлиски непријатели. Отпорот на кој наишла турската власт при продорот во селото, дотолку ги вознемирил и налутил, што започнале да ги масакрираат жителите и на крајот ги запалиле сите куќи. Во прилог Факсимил, напиша на фб лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

