Денеска изминуваат двете недели одложување на издржување на казната за поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој утре треба да се пријави во струшкиот затвор.
Порталот сдк.мк јави дека по првото искористено одлагање од здравствени причини, тој имал право на уште едно одложување од две недели, но од Основниот суд во Охрид им кажале дека тој не побарал такво нешто и дека лицето треба да се јави в понеделник во затворот во Струга, каде ќе почне да ја издржува казната.
Сашо Мијалков претходно се спогоди со јавното обвинителство и призна вина во случајот „Империја“, по што доби тригодишна затворска казна, а воедно му беа конфискувани 6,1 милиони евра, како и недвижен имот во вредност од околу 30 милиони евра. По спогодбата, тој ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид, а таму го префрли и седиштето на една од неговите фирми.
Покрај Мијалков, во затворот во Струга казната (ќе) ја издржуваат уште тројца обвинето во „Империја“ кои исто како него признаа вина и се спогодија со судот – Орце Камчев, Ненад Јосифовиќ и Тодор Мирчевски, кои исто како и поранешниот шеф на УБК, пред издржување на затворската казна ја сменија адресата на живеење од Скопје во Охрид.
извор: Тв Телма/360 Степени
