Владата најави сериозен чекор во зајакнување на сајбер безбедноста со формирање нов центар за одговор на сајбер инциденти, инвестиција вредна 1,5 милион евра. Како што соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, средствата се обезбедени делумно од Европската Унија, а центарот ќе има клучна улога во справувањето со сè почестите и пософистицирани сајбер закани.
Гостувајќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Андоновски истакна дека новиот владин центар ќе овозможи подобро следење и брза реакција на сајбер инциденти, што е особено важно во време кога дигиталните напади се во постојан пораст.
Покрај ова, министерот предупреди и на сериозен притисок врз домашниот ИТ сектор. Според него, глобалните економски промени и брзиот развој на вештачката интелигенција го забавиле растот на индустријата, која во изминатите години бележеше силен подем.
Тој посочи дека приватниот ИТ сектор веќе не вработува со исто темпо како во периодот од 2021 до 2023 година, а во одредени случаи платите стагнираат или дури се намалуваат. Ова, како што нагласи, доведува до зголемен интерес кај граѓаните за вработување во јавната администрација.
Во однос на меѓународната соработка, Андоновски најави дека следната недела во Вашингтон ќе се одржи втората сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, процес што го оцени како исклучително важен за државата. Тој истакна дека Македонија ќе биде единствената европска земја која годинава ќе одржи ваква втора сесија.
Според него, соработката со САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста веќе е на високо ниво, а се очекуваат и конкретни мерки кои ќе донесат придобивки за граѓаните, економијата и институциите.
Министерот предупреди дека сајбер нападите денес сè почесто се користат како средство за водење асиметрични војни, при што цел на нападите се критичните системи – од здравството и образованието, до целокупната дигитална инфраструктура.
