Овој 1 септември чувствувам потреба наместо со свечен тон и желби за успешна работа на наставничката фела, да го одбележам со реакција до јавноста, се вели во Фејсбук статусот на Христина Серафимовска.
Настаните кои во континуитет, веќе подолг временски период се случуваат во образованието, не смеат да останат занемарени. Наша заедничка одговорност е да реагираме, укажеме и да ги запреме процесите кои неминовно водат кон уништување на образовниот процес и креирање пропусти со трајни последици врз младите генерации. Ако пред извесен период дискутиравме на теми поврзани со квалитетот на наставата и излезните резултати, денес се соочуваме со недостиг на елементарни услови за изведување на настава. Техничките проблеми од типот немање на свидетелства, грешки при печатењето и доцнење на главните книги, отсуство на учебници и сл. укажуваат дека на најклучниот ресор, образованието, не му се посветува соодветно внимание токму од луѓето на кои единствена задача, за која се платени од народни пари, е токму тоа. Станува збор за пропусти од недоволно вложена енергија и стручност, како и ненавремено планирање на постапките со цел непрекинат и квалитетен тек на наставниот процес. Важно е да се спомене дека сето ова следува по еден подолг период обележан со Ковид кризата во која образованието беше пред сериозен предизвик и претрпе ненадминливи пропусти, или поинаку речено, годината која требаше да претставува своевидна стабилизација во образованието, се претвори во целосен крах. Посакувам овој 1 септември да биде почеток на кревање на свесноста на сите нас за значењето и важноста на образованието и враќање на дигнитетот на наставничката професија. Во име на иднината мораме да се избориме учениците да го добијат најдоброто од образованието, а за тоа е потребно да внимаваме што и колку толерираме, бидејќи грешките за кои не се залагаме да се коригираат, се осудени на повторување, истакнува Серафимовска.
Фејсбук статус на Доц. д-р Христина Серафимовска, Централната комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ
