HomeАктуелноСе запали кандилото во уште еден македонски храм – осветена црквата „Св. Константин и Елена“

Се запали кандилото во уште еден македонски храм – осветена црквата „Св. Константин и Елена“

По 13 години градба, новата црква „Свети Константин и Елена“ блесна во срцето на Скопје како духовен и архитектонски симбол на православието.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Со свечена литургија и присуство на голем број верници денеска беше осветена новата црква „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан по повод големиот настан истакна дека со изградбата на овој семакедонски, сеправославен храм народот уште еднаш ја потврдил својата црквоградителска традиција.

– Овој храм убавец е радост за сите сетила и со него добиваме уште едно место во кое земјата се сретнува со небото и во кое временото станува вечност. Но, убавината на храмот не е цел сама по себе, таа, пред сè, е водич кон Бог – додаде архиепископот.

Тој потсети дека храмовите не се градат за слава на луѓето, туку за духовно издигнување.

– Не е доволно да ги осветуваме само храмовите, туку треба и ние себе си да се осветуваме во нив. Не е доволно да се воодушевуваме на нивната убавина, туку треба и ние да ги разубавуваме нашите души во нив – рече архиепископот.

Г.г. Стефан нагласи дека храмот ќе има вистинска вредност само ако остане жив со верници.

Изградивме храм со неверојатна убавина, но она што е најубаво во него е тоа што денес е исполнет со народ. Ќе повторам и сега, најубав храм е оној што е исполнет со верен народ – истакна архиепископот.

Граѓаните кои присуствуваа ја истакнаа важноста на настанот.

Ова е навистина голем чин, по толку години да се изгради овој храм. Здравје, среќа и многу љубов би посакал за сите на овој свечен ден – рече еден од верниците.

МПЦ соопшти дека му доделува Орден на Св. Климент Охридски од прв ред на ктиторот Сашо Костовски и неговото семејство, за финансиската помош со која беше доградена црквата.

Церемонијата ја следеа и оние што не успеаја да влезат во храмот – надвор беа поставени два големи видео бима, а целиот настан беше документиран и со дрон.

Изградбата на храмот започна во 2012 година и траеше 13 години. Работите беа интензивирани во 2024 година, кога беше завршено внатрешното уредување, надворешноста и околниот простор.

 

 

 

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.