Во Виница се санираат штетите од вчерашното невреме во кое наврнаа над 55 литри на квадратен метар, при што беа поплавени поголем број објекти за живеење и деловни простории.
Од Локалната самоуправа информираат дека првично пристигнале над 60 пријави за поплавени приземни и подрумски простории во индивидуални домаќинства, како и магацински и деловен простор кај дваесетина стопански субјекти.
– Веднаш по невремето до Територијалната противпожарна единица од Виница пристигнаа 25 повици за интервенции, главно кај поплавени индивидуални објекти, индустриски згради, а штети од невремето има и во ОУ „Гоце Делчев“ и општинската зграда. Освен нашите пожарникари, на терен излегоа и екипи од ЈКП „Солидарност“, а на помош беа повикани и интервенираа и Територијалната противпожарна единица од Кочани и Доброволното противпожарно друштво – Кочани. Упатуваме голема благодарност до сите служби кои беа на висина на задачата, како и до Дирекцијата за заштита и спасување која помогна со потопни пумпи и друга опрема. Иако најголем дел од последиците на невремето се веќе отстранети, на нивно санирање се работи и во текот на денешниот ден, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.
![]()
Штети од поплавувањето претрпеле стопанските објекти покрај регионалниот патен правец во месноста Горица на влезот во Виница од правец на Кочани, индивидуални домаќинства на улиците „Славчо Стојменски“, „Маршал Тито“, „Илинденска“ и „Кочо Рацин“, како и објекти на Јакимовски пат.
