Советот на Општина Охрид ја одржа втората редовна седница на која советниците расправаа и гласаа по вкупно 11 точки од Дневниот ред, најголем дел од нив поврзани со донесување решенија за формирање на општинските комисии.
На почетокот на седницата, Дневниот ред беше дополнет со две нови точки: предлог-одлука за констатирање на престанок на мандат на член на Советот и предлог-одлука за верификација на нов мандат. Како што информираше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, овие дополнувања беа неопходни поради поднесената оставка од советничката Марина Ѓоргоска.
Со одлука на Советот, за нов член беше потврдена Рита Неранџоска од ЗНАМ, која ќе го извршува мандатот до истекот на актуелниот состав на Советот на Општина Охрид.
На седницата беа усвоени и одредени измени во составот на комисиите, по што советниците ги изгласаа решенијата за нивно формално формирање и функционирање во различни области.
Претседателот на Советот, Перчо Божиновски, им посака успешно и продуктивно работење на сите новоименувани членови. Тој ја нагласи важноста на редовното заседавање и одговорното извршување на обврските, истакнувајќи дека квалитетната работа на комисиите е основа за ефикасно одвивање на седниците и донесување одлуки во интерес на граѓаните.
