Владиниот предлог за прекроената државната каса тешка 6,56 милијарди евра влегува во Собрание.
Повеќе капитални инвестиции, повисоки плати и пензии, пари за субвенции, за здравството, администрацијата – државната каса која треба да обезбеди финансиска стабилност пред и по локалните избори е потешка и со потенцијал за економски развој. Приходната страна е позиционирана на 6,56 милијарди евра, а вкупните приходи – 5,92 милијарди евра. Буџетскиот дефицит ќе остане на истото ниво од 4% од БДП или 672 милиони евра.
Планот на власта е преку инвестиции во крупните проекти, пред сѐ во делот на инфраструктурата, да продолжи динамиката на развој на економијата. Средствата за капитални инвестиции се зголемуваат за речиси 5% и ќе достигнат 772 милиони евра. Ова е втора година по ред како не се кратат средствата по овој основ со ребаланс на буџетот. Токму тие и парите кои се пласираат за проекти во општините се очекува да бидат двигатели на економскиот раст.
Со прекроениот буџет, платите и пензиите треба да станат повисоки. Просечната пензија според пресметките ќе порасне за 2.130 денари и ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во земјата. Јулската плата треба да биде повисока и за вработените во министерството за внатрешни работи, здравството, образованието, општинските служби во износ од 3.200 до 6.800 денари. Ова според најавите од Владата ќе ја зголеми просечната плата во јавниот сектор која треба да надмине 45.000 денари, односно да се приближи кон 50.000 денари. Амбициозниот план за растот на платите и пензиите, од Владата го темелат на подобрената наплата на даноците, стабилниот економски раст и дисциплираноста на јавните трошења.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека зголемувањата се овозможени благодарение на добрата наплата на даноците, стабилниот економски раст и дисциплинираното трошење на јавните средства. Сепак, критичарите предупредуваат дека ваквите потези се дел од предизборна стратегија и дека во позадина стои политичка калкулација. Критиките од опозицијата се дека Власта троши несоодветно за потребите, лошо ги менаџира финансиите и неефикасно ги спроведува реформите. Од СДСМ најавуваат бројни амандмани, над 160, со кои ќе инсистираат на поефикасна распределба на средствата во државната каса. Дел од нив е и амандманот за финансиска помош во износ од 20 милиони евра за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани.
