Постоечкиот закон за формирање здруженија дозволува да се затворат ако се утврди дека нивното делување и причината за отворањето се спорни или се косат со статутот, но за исходот се чека од постапките кои ги води јавното обвинителство кое се повикува на член 66 од законот каде стои дека “ако надлежниот основен јавен обвинител оцени дека постојат причини за забрана на работата на организацијата, ќе поднесе предлог до надлежниот суд”.
Од обвинителството за Канал 5 велат дека по неколкуте претставки во тек се претходни постапки и веќе е прибрана целосната документација од здруженијата од Битола и Охрид. Се прави анализа врз основа на праксата во земјава досега, како и во Европскиот суд за човекови права. Некои иницијативи биле поднесени против идеологијата која ја шират, претставка има за контроверзната порака на Ванчо Михајлов за македонската нација во клубот во Битола, а дел се и против делувањето на нивните претседатели.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и денеска повика да се изгласа нивниот предлог-закон со кој ретроактивно ќе може да се забранат и веќе отворените спорни клубови, а негираше и дека се познава со првиот човек на “Цар Борис Трети” во Охрид Томе Блажески..
Ако тие од другата страна очекуваа дека ќе добијат дебел црвен персиски килим и ќе добијат поддршка и помош ако се согласат да отпочнат асимилација на сопствемиот македонски народ тогаш еве им пример како нивната политика резултираше односно зошто не треба нивната политика да се поддржува.. не го познавам момчето. Гледам некоја слика се појавува таму. Мислам дека точно знам кога и како е тоа сликано. Тоа беше при една моја посета, станува збор за Бигорскиот манастир каде што овие беа таму и како групација ми да дадоа една книга која што им ја вратив. Не ја примив. – Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценката на сите политичари во Македонија, и од власта и од опозицијата за новоотворениот клуб во Охрид е дека се работи за провокација која и штети и на бугарската заедница во земјава. Токму за овие зборови кажани од и од министерот за надворешни Османи, реагираше бугарскиот европратеник Андреј Џамбаски кој за соработникот на фашистите Цар Борис, рече дека е обединител и симбол на ослободувањето и единството на Бугарите. “Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот.” Со него не се согласува премиерот Ковачевски- тој смета дека со името на клубот се повредуваат чувствата на граѓаните во земјава.
Во однос на објавата на Ангел Џамбаски, не знам кој е тој човек, така да кога ќе ја видам изјавата, ќе одговорам. Околу македонизмот, секогаш ќе го има, затоа што Македонците имаат своја историја, идентитет, зборуваме на македонски јазик и негуваме свои обичаи и сме граѓани и народ кој што до 2030 година ќе ја збогати ЕУ. – Димитар Ковачевски – претседател на Влада.
Во меѓувреме работните групи при министерството за правда го кројат новиот закон за здруженија и фондации, а според информациите на Канал 5, се разгледуваат компаративни искуства од српскиот и германскиот модел како закони кои во пракса дале најдобри резултати. До крајот на месецот ќе биде објавен на ЕНЕР, а потоа ќе има и јавна дебата со сите заинтересирани граѓани, невладини и политички партии.
Дотогаш, мислење за историските личности ќе дава ад-хок телото што се формираше неодамна.
