Парламентот да расправа за инвестициите во инфраструктурата, зашато постојат индиции и сомнежи за криминал, најмногу при изградбата на автопатиштата Кичево-Охрид, Миладиновци-Штип, како и железничката пруга Бељаковце-Крива Паланка, побара Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, кој се повикува на анализа извршена од Државниот завод за ревизија.
– Анализата на 11 инфраструктурни проекти (патишта и железнички пруги) меѓу другото покажува дека се потрошени 58 милиони евра само за камати и провизии за патишта и железнички пруги, кои не се изградени. Најмногу сомнежи за криминал има при изградбата на автопатиштата Кичево-Охрид, Миладиновци-Штип, како и железничката пруга Бељаковце-Крива Паланка, велат од ДС.
Овие инфраструктурни проекти се градат првенствено со странски кредити, а ги одобрува Собранието, поради што неопходна е парламентарна расправа. Во анализата на резултатите од оваа ревизија мора да се вклучат и Одделот за организиран криминал при МВР, Обвинителството за организиран криминал, како и Финансиската полиција, предлага Демократскиот сојуз.
