HomeАктуелноУтре е голем празник, се празнува голем светец

Утре е голем празник, се празнува голем светец

Симеоновден или денот на Свети Симеон Столпник е голем православен празник, кој се одбележува на 1 септември според грегоријанскиот и на 14 септември според јулијанскиот календар.

Родум Сириец, од родители селани. Во својата осумнаесетта година побегнал од родителите и се замонашил.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Свети Симеон претрпел безбројни напади од демоните, но сите ги победил со молитва кон Бога.

Овој светител извршил големи чуда и мнозина болни ги исцелил со збор и со молитва.

Околу неговиот столб притекнувал народ од сите страни, богати и сиромашни, цареви и робови.

И тој им помагал на сите; на некои враќајќи им го телесното здравје, на некои давајќи им утеха и поука, а некои изобличувајќи ги заради нивната еретичка вера.

На овој празник започнува Црковната Нова Година.

Според верувањето и светците се раководеле по овој календар. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија и Светот имаат и многу заеднички елементи.

На 1 септември според стариот календар (или на 14 септември според новиот) започнува црковната година, а во народот овој ден се сметал за голем земјоделски празник.

Тоа најповеќе се манифестирало со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба.

Се верува дека откако е собрана летнината е завршен еден годишен циклус и започнува друг со првата есенска сеидба. Преданието сведочи дека на Првиот Вселенски собор е одредено црковната година да започнува на 1 септември. И кај Евреите со месецот септември започнувала граѓанската година, тогаш се собирале плодовите и се искажувала благодарност кон Бога.

Од Симеоновден започнува есенската сеидба. Се носело семе во црквата да се „очати и благослови“, а потоа дома се мешало со другото жито подготвено за сеење.

Исто така се верувало дека на овој ден не се давало заем и не се изнесувало ништо од дома за да не се разнесе касметот, а ако некој барал нешто заем за да не се налути му се велело „семе изнасамо“.

Сите црни предмети од куќата се криеле од пред очи (тава, грне и др.) за да нема гламна житото.

Орачот на нива носел дисаѓи со жито, а во житото имало прстен (златен или сребрен), потоа китка босилек, китка од разни други цвеќиња, две гросчиња бело и црно грозје, неварено јајце, чешел за коноп и мало лепче (кравајче).

Во семето се измешувале и зрна од „брадата“ од минатата година што дотогаш се чувала во амбарот.

На воловите им врзувале бела крпа за да е бело житото.

По пристигнувањето на нивата орачот најпрвин изорувал една бразда, потоа низ прстенот пропуштал еден грст семе и го фрлал во нивата.

Чешелот го ставал во нивата за да е густ бериќетот како чешелот, белото грозје го фрлал во нивата за е бело (чисто) житото, а црното го фрлал надвор од нивата за да нема какол и гламна.

Босилекот, китката со разни цвеќиња ги ставал во браздата како дар за нивата, а потоа со втората бразда сето тоа го покривал со земја.

 

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.