Православните христијани ширум светот утре го слават Божик, најрадосниот христијански празник – денот на раѓањето на Исус Христос. Божиќ е семеен празник, се слави три дена, а верниците се поздравуваат со „Мир Божји – Христос се роди“, со честитката „Навистина се роди“.

Божиќ е празник со многу обичаи и неговото празнување започнува со одење на утринска литургија, каде верниците кои го постеле Божиќниот пост ја примаат Светата Тајна Причест. По литургијата, семејствата ги посетуваат најблиските роднини.
Божиќ е празникот на раѓањето на новиот живот, празникот на децата и детството, празникот на родителството, татковството и мајчинството. Според верувањето, сите овие обичаи и ритуали имаат едно основно значење и се сведуваат на една заедничка цел – да побараат од Бога да го зачува и зголеми семејството и имотот на домаќинот.
Денешниот ден го одбележаа бадникарските песни кои ги пеат најмладите, а кои го симболизираат христовото раѓање. Од домаќинките на домовите кои ги посетија тие добија ореви, костени, посни колачиња и парички.
Во центарот на главниот град, поточно пред Соборниот храм празникот започна со изведба на бадниковата химна, кревање на знамето и осветување на бадниковите гранчиња. Бројни верници пред портите на храмот ги дочекаа бадникарските кумови и здравичарот кои ја кажаа својата здравица и им посакаа на верниците со многу здравје, мир и благосостојба да го дочекаат и овој Божиќ.
Граѓаните во пресрет на утрешниот празник посакаа здравје, среќа и љубов.
Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божикните пости. Македонците со голема почит ги одбележуваат овие големи празници.

