Традиционално на овој ден, кој се слави во цела Македонија, во многу места низ Македонија има големи собири на кои народот и верниците ја слават Пресвета Богородица.

Православната Црква на 15/28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.

Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица.
Во духот на верата и традицијата Скребатно започна со чествување големиот христијански празник посветен на Голема Богородица.
Илјадници верници по традициј вчера и денес се упатуваат кон Скребатно каде ќе се помолат во храмот посветен на Пресвета Богородица, по што денес за сите ќе биде поделен и традиционалниот ручек кој се служи од оваа црква.
На празникот Успение на Пресвета Богородица во кругот на обновената црква во Скребатно се подготвува и дели ручек за 5.000 луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века.
Имено, Црковниот одбор покрај денешната богата програма и синоќа организираше музички забавен дел со убава македонска народна песна и музика за сите верници и посетители на ова место.
Новинар: Елена Ристеска
