До утринава регистрирани 23 пожари на отворен простор – активен е само еден
Според најновите информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 07:30 часот на 7 август 2026 година, на територијата на државата се евидентирани вкупно 23 пожари на отворен простор. Од нив, еден пожар е сè уште активен, два се ставени под контрола, додека 20 пожари се целосно изгаснати.
Единствениот активен пожар е регистриран во Општина Македонски Брод, кај селото Грешница, на месноста Стојанова Населба, каде гори ниска вегетација, деградирана шума и грмушки.
Под контрола се два пожара – на депонијата во Делчево и кај селото Паталишта во Општина Гостивар, каде биле зафатени ниска вегетација и нискостеблеста шума.
Во меѓувреме, надлежните служби успешно изгаснале 20 пожари во повеќе општини низ државата, меѓу кои Босилово, Валандово, Богданци, Гостивар, Желино, Брвеница, Гази Баба, Неготино, Сарај, Карбинци, Штип, Чешиново-Облешево, Ново Село, Кривогаштани, Струга, Македонски Брод, Куманово, Тетово и Долнени.
Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да бидат максимално внимателни при движење и престој во природа, особено во услови на високи температури и зголемена опасност од појава и ширење на пожари.
