HomeАктуелно100.000 евра причина да се размисли за живот на село? Еве што нудат надлежните!

100.000 евра причина да се размисли за живот на село? Еве што нудат надлежните!

Владата има амбициозен план да ги задржи младите во руралните средини и да ги врати оние што ги напуштиле селата. За таа цел, преку новиот Закон за земјоделство и рурален развој, предвидени се бројни финансиски стимулации, кои се веќе објавени на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и се достапни за јавен увид.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Младите брачни двојки кои сакаат да се преселат на село можат да добијат финансиска поддршка до 100.000 евра. Средствата се наменети за изградба или реконструкција на објекти, набавка на земјоделска механизација, купување земјиште или добиток. Клучни услови се паровите да бидат под 40 години, да се занимаваат со земјоделие и да живеат на село најмалку 10 години.

Финансиската поддршка ќе покрива 80% од прифатливите трошоци, најмногу до 6.000.000 денари, во проектен период од 3 години и врз основа на одобрен деловен план од Агенцијата.

Истата поддршка до 100.000 евра е достапна и за млади луѓе до 40 години кои ќе отворат земјоделски или шумарски бизнис, или ќе се насочат кон нови неземјоделски активности во руралните средини.

Дополнително, предвидена е поддршка од 20.000 евра за млади земјоделци, жени во земјоделски семејства и микропретпријатија кои внесуваат иновации и нови економски дејности на село. Оваа поддршка ќе се исплаќа на годишно ниво, во три рати.

Жените како носителки на земјоделско производство ќе можат да добијат до 6.000 евра. Младите кои за прв пат започнуваат со земјоделска дејност, преку наследување или основање ново стопанство, ќе имаат право на поддршка до 10.000 евра, под услов да имаат соодветно образование или обука.

Законските одредби вклучуваат и поддршка за зачувување на традиционалните обележја на производството, финансирање на инвестиции во наводнување, воведување повисоки стандарди, субвенционирано земјоделско осигурување (државата ќе покрива 70% од трошоците) и поддршка за гориво до 1.650 евра по стопанство.

Предвидени се и олеснувања за кредити: субвенционирани камати до 8% за кредити до 500.000 евра, државно кофинансирање на банкарски гаранции, како и поддршка за анализа на земјиштето до 100% од трошоците.

Законот ја задржува и функцијата на интервентниот фонд за справување со пазарни нарушувања и стимулира окрупнување на земјоделското земјиште, здружување на земјоделците и транспарентност во формирањето на откупни цени.

Јавниот увид трае до 28 мај, а јавна расправа е закажана за 2 јуни. Целта е усогласување со европските директиви, поттикнување конкурентност и оживување на животот во руралните средини.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.