Во новата учебна година општина Охрид ќе доделува по 3.000 денари за секое запишано прваче во основните училишта на територија на општината.
Покрај тоа ќе се доделуваат ученички стипендии за деца кои потекнуваат од семејства со социјален ризик, талентирани ученици и оние кои постигнале значајни резултати во областа на спортот, литературата, музичката, ликовната уметност и други вештини.
Ќе биде обезбеден бесплатен превоз на наставници и ученици кои ќе учествуваат на регионални државни и меѓународни натпревари. Оние што ќе освојат прво,второ и трето на државни и меѓународни натпревари ќе имаат парични награди, а од новата учебна година парична ќе биде и наградата за првенец на генерација.
Стипендии ќе има за студенти кои студираат на државните универзитети, а потекнуваат од семејства со потешки социјални услови, а ќе се стипендираат студенти запишани во прва година кои избрале факултети или струки што се дефицитарни на територија на Охрид. Ќе продолжи и стипендирањето на студенти со ретки болести.
Новина ќе биде образовниот додаток, еднократна парична помош од 6.000 денари за студенти кои студираат надвор од Охрид, а потекнуваат од семејства со социјален ризик, многудетни семејства, еднородителски семејства и имаат примања проближни до минималната плата.
