Силниот јужен ветер, невремето и дождот кој не престанува да врне во регионот на Охрид урна дрво и столб за осветлување во зелениот дел на кеј „Македонија“ во центарот на градот.
Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), во текот на изминатите 24 часа во Охрид се измерени вкупно 26 литри дожд на метар квадратен. Во Охрид денес се очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, наместа и особено во крајните западни и источни делови врнежите ќе бидат пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе се искачи до 14. степени.
– Од ноќта кон понеделник од север ќе настапи заладување што ќе услови позначително спуштање на температурите. Врнежите во понеделник и краткотрајно и во вторник на планините ќе бидат од снег, а во северните делови ќе има услови за појава на снег понекаде и во пониски места, информираат од УХМР.
