HomeАктуелноТошковски: Засилено полициско присуство и подобрена безбедност во Охрид за време на туристичката сезона

Тошковски: Засилено полициско присуство и подобрена безбедност во Охрид за време на туристичката сезона

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид, Регионалниот центар за гранични работи Запад и Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“. Во рамки на посетата тој се сретна и со полициските службеници кои патролираат со велосипеди низ градот, како и со српските полициски службеници кои и оваа година се дел од заедничките патроли за време на туристичката сезона.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

„Во пикот на летната сезона, кога бројот на туристи и возила значително се зголемува, МВР спроведува координирани мерки и динамички го адаптира полициското присуство,“ истакна Тошковски. Тој додаде дека во СВР Охрид веќе функционира засилен состав преку распоредување дополнителни полициски службеници од други сектори, со цел целосна покриеност на регионот и одржување на стабилна безбедносна состојба.

Во делот на граничното управување, Регионалниот центар за гранични работи Запад бележи подобрување на оперативната ефикасност. Според министерот, податоците покажуваат позитивен тренд во откривање кривични дела, подобра организација на протокот на патници и стабилен ритам на граничниот сообраќај, дури и во најоптоварените часови.

Посебен акцент е ставен на безбедноста на водните површини. „Охридското Езеро годинава е покриено со повисок степен на полициско присуство. Контролата на водниот појас е зајакната, безбедноста на туристите е зголемена, а резултатите покажуваат подобри ефекти во споредба со претходните сезони,“ рече Тошковски.

Видливоста на полицијата во урбаните средини исто така е засилена, особено преку патролите со велосипеди, кои се препознатлив белег на СВР Охрид. Тие овозможуваат побрзо реагирање, директна комуникација со граѓаните и поголемо чувство на сигурност.

Присуството на српските полициски службеници во мешовитите патроли повторно се потврдува како успешна практика што позитивно влијае врз перцепцијата за безбедност кај странските туристи.

Сепак, Тошковски укажа дека, и покрај зголеменото полициско присуство и активностите на сообраќајната полиција, бројот на жртви во сообраќајни несреќи укажува на потреба од посистемски пристап: „Неопходни се силни превентивни, едукативни и инфраструктурни мерки за трајно подобрување на безбедноста во сообраќајот.“

Министерот заклучи дека оваа посета ја потврдува веќе забележаната тенденција – МВР работи со поголема ефикасност, подобра координација и подготвеност за одговор на зголемените предизвици: „Резултатите се видливи, напредокот е реален и тоа е обврска што ќе продолжиме да ја исполнуваме професионално, посветено и со јасна цел – создавање побезбедна држава.“

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.