Цената на килограм грозје „смедеревка“ со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 18,3 денари, а цената на килограм грозје „вранец“ со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 20,8 денари, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Појаснуваат дека ја земале предвид пресметката на Земјоделскиот институт – Скопје за производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, зголемена за 25 отсто согласно Законот за вино.
Да потсетиме дека производната цена за килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година се пресметува согласно Законот за виното (Службен Весник 74/24) и по Методологија за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет (Службен Весник 146/24). Претходно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство спроведе Јавен конкурс за избор на институција и склучи Договор со Земјоделски институт – Скопје за вршење на услугата, се вели во соопштението.
Од МЗШВ информираат дека за денеска најавена е средба со менаџментот на винските визби и откупувачи, каде ќе се дискутира за новите цени и откупот на грозје.
