Шпанскиот премиер, Педро санчез, вчера изјави дека Шпанија ќе ја повика Европската Унија од 2026 година да престане да ги менува стрелките на часовниците двапати годишно, нарекувајќи ја практиката застарена и заморна.
Оваа недела повторно ги менуваме часовниците, рече тој во видео објавено на социјалните мрежи.
„Искрено, веќе не гледам поента. Во секоја анкета, мнозинството Шпанци и Европејци се против промената на времето.“
Тој рече дека „науката вели дека тоа не придонесува во штедењето енергија.“
„Но она што науката го вели е дека тоа го нарушува нашиот биолошки ритам двапати годишно“, рече тој.
Целта на овој потег е да се „оживее“ дебатата од 2018 година во Европскиот парламент за укинување на летното сметање на времето низ целиот блок.
„Денес Шпанија ќе го повика Европскиот совет да го почитува тој глас и конечно да престане да го менува времето, во 2026 година“, рече Санчез, осврнувајќи се на предлогот што ќе биде презентиран на состанокот на Советот за транспорт, телекомуникации и енергетика во Луксембург подоцна денеска.
Санчез ја презентираше иницијативата како дел од ефикасното демократско управување.
„Што е корисна политика? Слушање на граѓаните, но и на науката, и пренесување на тоа во законодавството“, рече тој.
Она што Санчез не го разјасни, сепак, беше која временска зона Шпанија трајно ќе ја усвои ако се укине летното сметање на времето.
