Заврши риболовната сезона во Националниот парк „Маврово“.
Националниот парк „Маврово“ донесе одлука за завршување на риболовната сезона во водите на своето подрачје – Мавровското Езеро, реката Радика и нејзините притоки – за сезоната 2024/2025 година.
Со оваа одлука, од 1 ноември е воведена забрана за риболов, која ќе трае до 31 јануари 2026 година. Забраната се однесува на сите видови риби во сите водни ресурси на паркот.
Овој период е наменет за заштита и обновување на рибниот фонд, со цел зачувување на природната рамнотежа и обезбедување одржлив развој на спортскиот риболов во идните сезони, изјави директорот на паркот, кој најави дека новата сезона за спортски риболов ќе започне на 1 февруари 2026 година.
Од Националниот парк упатија благодарност до сите спортски риболовци за разбирањето и почитувањето на одлуката, нагласувајќи дека со тоа сите заеднички придонесуваат кон заштита на природното богатство на „Маврово“.
Благодарение на континуираната грижа за заштита и збогатување на рибниот фонд, во последните години на бреговите на Мавровското Езеро и реката Радика се зголемува бројот на домашни и странски спортски риболовци, особено во летните месеци, викенди и празнични денови.
