И ова лето Грција останува убедливо најпосакуваната дестинација за македонските туристи. Илјадници граѓани веќе ги резервираа своите аранжмани или приватни сместувања, а најголем интерес има за Халкидики, Паралија, Лептокарија и островите Тасос и Крф.
Според туристичките агенции, побарувачката е значително зголемена во споредба со минатата година, а дел од термините за јули и август се речиси распродадени. Близината, чистите плажи и можноста за патување со сопствен автомобил и понатаму ја прават Грција прв избор за многу македонски семејства.
Она што најмногу ги изненади туристите се цените. Иако многумина очекуваа значително поскапување, во дел од туристичките места цените на сместувањето останале слични на ланските, додека за одредени термини може да се најдат и поповолни понуди доколку резервацијата е направена навреме.
Од друга страна, цените во рестораните и маркетите се нешто повисоки во однос на претходните години, но туристите велат дека и понатаму можат да најдат опции за секој буџет.
Туристичките работници очекуваат шпицот на сезоната да биде во втората половина на јули и почетокот на август, кога традиционално најголем број Македонци заминуваат на одмор.
