Овој месец навршува една година од почетокот на руската инвазија, звукот на силни експлозии што ги разбуди утрото на 24 февруари во 5 часот и 30 минути, засекогаш ќе останат во сеќавањата на украинскиот народ.
Од почетокот на руската инвазија илјадници украински бегалци имаат пристигнато во Македонија, а дел од нив се сè уште тука, без пристап до повеќето права и услуги кои им следуваат како бегалци, вклучувајќи го правото на бесплатна здравствена грижа и можноста за вработување.
Украински бегалци пристигнуваа во Македонија, во обид да се спасат од руската инвазија, најголемиот дел од нив влегле во државава и потоа продолжиле во друга држава, додека само неколку илјади се останати во Македонија каде се сретнаа со своите семејства и пријателите кои живеат во кај нас, но и многумина беа приморани сами да дојдат и зад себе да ја остават својата фамилија во Украина. Една од нив е Светлана Поперека, Украинка која своето сигурно место го наоѓа во Охрид, Македонија, откако преку помош на Турската амбасада го напушти Харков, вториот по големина град во Украина.
Со автобус по шест тешки денови Поперека пристигна на автобуската станица во Софија, Бугарија, по шест дена конечно сон, мирен сон, сон без бомби и страв.
Стигнавме во Софија, беше 9 часот навечер, немав никој, сосема сама во град во кој што немам никој, не знам никого, сама на автобуската станица, јас не знаев што да правам следниот автобус за Скопје беше наутро, следниот ден, низ воздишки ни раскажува Поперека. Јас сум возрасна жена, се чувствував беспомошно, тогаш дојде еден човек кој ме фати за рака, тоа беше човекот кој седеше до мене во автобусот, ме зема за рака и конечно на безбедно, ме одведе во Црвен крст во Софија, тоа беше вечер кога почувстував дека не сме сами, имаше многу млади волонтери, ни дадоа храна и просторија за спиење, конечно спиев после шест дена, конечно сон без бомби и страв, вознемирено раскажува за powerinfo.mk Поперека.
Беше мрак, по споредни улички ја напуштавме Украина, сè е мрак и тогаш и сега, мрачно без светло е во Украина, зад мене оставив син, снаа и три внуци, едното мое внуче има само четири месеци, мојата внука се роди во војна, низ фотографии вознемирено ни раскажа Светлана, Украина ја напуштив со помош на Турската амбасада, за пари секако така ни помогнаа да ја напуштиме војната, се сеќава г-ѓа Поперека.
Автобусот со кој патувала Поперика бил голем автобус со околу 50 патници, деца, стари, млади, беспомошни луѓе, сите со надеж да се спасат од војната.
Но, дали и подготвени да почнат нов живот, некаде далеку од својата татковина? – низ прашања нѐ остава Поперека.
Како јас ќе им кажам на моите внуци зошто Украина е во ваква состојба? Зошто Русија така ја нападна нашата земја? Нашите животи се уништени, ние не знаеме што ќе биде утре, јас имам контакт со мојата фамилија, но тие останаа во Украина, фала му на Бог, на безбедно се, добро се, вели Светлана.
powerinfo.mk : Kаков живот имаше Светлана пред војната?
Имав мирен живот, си го живееш својот живот, ти ги рушат сите планови и соништа, знаете, војната е лоша, живеев во Харков, Украина во зграда на шести кат, до мене живее мојот син и снаа со моите внуци, имам 58 години. Во Украина имав свој бизнис, јас имам завршено Градежен факултет, но никогаш не работев по мојата професија, имав свој бизнис и работев со тоа, но за миг многу работи се променија, благодарна сум многу на Македонија и Слободан, тој е мој стар пријател од Охрид, кој ме згрижи и оваа држава мене ми даде нова шанса за живот, јас сум со легален престој имам привремена лична карта, пасош за една година, раскажува Поперека.
Кога нашата редакција беше на средба со Поперека, таа ни раскажа дека ќе оди да побара и матичен лекар бидејќи ја известиле дека ѝ следува и здравствена заштита, таа ни раскажа дека е задоволна од Охрид и Македонија:
Благодарна сум на стоматолог од Охрид кој ми помогна и покрај тоа што ја немав потребната документација и здравствена заштита, тука добивам пакети со храна од страна на Црвениот Крст, пари не, немам добиено никогаш парични средства,но храна добиваме. Би сакала да најдам некоја работа тука во Охрид, не можам да бидам веќе на товар на Слободан, додава Светлана. Јас сум работоспособна, сакам да помагам, со работата ќе си помогнам и себе и на Слободан.

Светлана ни раскажа дека во Македонија има многу нејзини сограѓани од Украина.
Во Скопје има многу Украинци. Имаме група на социјалните мрежи на која постојано комуницираме.
powerinfo: За што најмногу жалите?
Жалам што ова и се случи на мојата Украина, жалам за цела инфраструктура, жалам за мојата фамилија, жалам за многубројните изгубени животи, се прашувам како ова ќе може да им се објасни на идните генерации? Нашиот мирен и спокоен живот се претвори во страв, паника, солзи и бомби.
Таму има големи згради, имаше многу добра инфраструктура, Харков е голем град, живеат многу луѓе, па како цела Македонија..жалам за сѐ, Украина никогаш нема да може да биде тоа што беше, беше многу страшно, не знаеш каде и кога може да падне бомба, јас во март ја напуштив Украина, еден месец живеев со војна и страв, таму сега нема иднина, смета Поперека.
Нашиот разговор го завршивме со мал подарок карактеристичен на македонската традиција од страна на нашата редакција до г-ѓа Поперека и ја оставивме во позитивни мисли жената бегалец која ни откри дека зад тој термин стои една храбра жена, родител, баба, претприемач, градежен инженер и човек која си ја сака својата земја, но војната ја примора да ја напушти истата.
Имено, портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски за powerinfo.mk вели дека во периодот од 24.02.2022 до 29.01.2023 година во Република Северна Македонија на граничните премини се регистрирани вкупно: на влез 29 419 лица украински државјани, – на излез 23 020 лица украински државјани – 4634 лица под 16 години, – 757 лица над 70 години. Воедно во првите девет месеци од 2022 година, согласно електронските евиденции за странци во МВР, вкупно 505 државјани на Украина престојуваат по основ на регулиран привремен престој во Република Северна Македонија.
Додека од почетокот на воените дејствија во Украина, заклучно со месец Јануари 2023 година, на 378 државјани на Украина им е регулиран привремен престој по основ на хуманитарни причини. Додека, Ангеловски додава дека во периодот од 24.02.2022 до 21.11.2022 во Министерството за внатрешни работи четири лица од Украина поднеле барање за признавање на прaво на азил.

Новинар: Елена Ристеска
Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, со поддршка од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд. Содржината создадена во рамките на активноста не нужно ги отсликува ставовите на Фондот и УНХЦР

