Наместо да уживаат на плажа, многу туристи првите денови од летниот одмор ги поминуваат во хотелската соба поради сончаница, дехидрација, стомачни проблеми или исцрпеност.
Според лекар кој своите совети ги сподели преку платформата „Патувајте паметно со Петар“, повеќето од овие непријатности можат лесно да се избегнат доколку се почитуваат неколку едноставни правила.
„Како доктор кој многу патувал, често сум гледал луѓе кои првите три дена од одморот ги поминуваат со температура, изгореници од сонце или проблеми со желудникот. Одморот треба да биде уживање, а не барање аптека во странство“, наведува тој.
Пет совети за безбеден и безгрижен одмор
1. Пијте доволно вода за време на патувањето
Една од најчестите грешки е намерно да се избегнува внесување течности за да има помалку паузи. Тоа може да доведе до дехидрација, главоболка и намален имунитет уште пред да пристигнете на дестинацијата.
2. Не брзајте веднаш на силно сонце
По долгото патување, телото има потреба од адаптација. Наместо веднаш да се изложувате на силното пладневно сонце, првиот ден искористете го за одмор, прошетка и престој во сенка.
3. Внимавајте на мразот во пијалаците
Според докторот, стомачните инфекции не секогаш потекнуваат од храната. Во некои туристички места проблем може да бидат коцките мраз, доколку се направени од вода што не е безбедна за пиење. Затоа се препорачува консумирање флаширана вода и пијалаци без мраз, особено кога патувате со деца.
4. Не патувајте без основна патна аптека
Во багажот секогаш треба да има пробиотик, лек против алергии, средство за намалување температура и болка, како и електролити за рехидратација. Купувањето лекови во странство често е значително поскапо.
5. Не штедете на патничко здравствено осигурување
Иако многумина го прескокнуваат, патничкото здравствено осигурување може да заштеди големи трошоци доколку дојде до повреда, забоболка или ненадејна здравствена состојба за време на одморот.
Лекарот нагласува дека со малку подготовка и внимание, најголемиот дел од здравствените проблеми на летување можат да се избегнат. Доволно е навреме да мислите на хидратацијата, заштитата од сонце и основната медицинска опрема, за одморот да помине без непријатни изненадувања.
