HomeАктуелноМицкоски се сретна со Макрон и Мерц на Самитот ЕУ – Западен Балкан: Проширувањето на Унијата во фокусот на разговорите

Мицкоски се сретна со Макрон и Мерц на Самитот ЕУ – Западен Балкан: Проширувањето на Унијата во фокусот на разговорите

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц во рамки на Самитот ЕУ – Западен Балкан што денеска се одржува во Тиват, Црна Гора.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

По средбата со Макрон, Мицкоски преку социјалните мрежи информираше дека разговарале за состојбите во регионот, европските перспективи на земјите од Западен Балкан и прашања од значење за иднината на граѓаните.

„Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка“, порача Мицкоски.

На средбата со германскиот канцелар Мерц, акцентот бил ставен на европската интеграција на регионот, актуелните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и можностите за продлабочување на соработката со Европската Унија.

„Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион“, истакна премиерот.

Самитот ЕУ – Западен Балкан се одржува под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, а во фокусот на дискусиите е процесот на проширување на Унијата.

Со самитот претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, додека домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На настанот присуствуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Во рамки на самитот, Франција и Германија презентираа заеднички „нон-пејпер“ со кој се предлага постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија уште пред нивното полноправно членство.

Документот предвидува Европската комисија да подготви механизми за олеснување на постепеното вклучување на земјите кандидати во европските политики и институции, како и можност за привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на постигнатиот напредок во пристапните преговори.

Во документот се оценува дека политиката на проширување останува една од најсилните алатки на Европската Унија, но и дека е потребен нов импулс кој ќе овозможи побрза и подлабока интеграција на земјите кандидати врз основа на исполнувањето на Копенхашките критериуми.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.