Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница порача дека функциите во Владата не се привилегија, туку одговорност што мора да се оправдува секојдневно, образложувајќи ја владината реконструкција на 112-та седница на Собранието.
Тој истакна дека разрешувањето и изборот на нови членови на Владата не треба да се сфатат како негативна оценка за досегашните министри, нагласувајќи дека тие чесно и посветено работеле во рамки на своите ресори.
„Од првиот ден кажавме дека ова ќе биде Влада на резултати, а не на удобност. Функциите не се стекнато право, туку обврска која секојдневно треба да се заслужува“, рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека реконструкцијата е дел од заложбите за поефикасно работење на институциите и исполнување на програмските определби за кои граѓаните ја дале својата доверба.
Според него, граѓаните очекуваат конкретни резултати и одговорност од носителите на јавни функции, а секоја промена во владиниот состав има за цел да придонесе кон подобра реализација на поставените цели и политики.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да работи со ист интензитет и посветеност, ставајќи ги интересите на граѓаните и исполнувањето на ветените проекти во прв план.
