HomeАктуелноШок во македонскиот фудбал: Поранешни челници на ФФМ осомничени за проневера од над 180 милиони денари

Шок во македонскиот фудбал: Поранешни челници на ФФМ осомничени за проневера од над 180 милиони денари

Двајца поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се меѓу осомничените во голема истрага за финансиски злоупотреби, во која според надлежните, на федерацијата ѝ била нанесена штета од над 180 милиони денари.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Во координирана акција на Управата за финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денеска беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје.

Истрагата опфаќа двајца поранешни први луѓе на ФФМ, раководителката на финансискиот сектор, раководителот на Одделот за судии, како и управители и сопственици на повеќе фирми. Тие се сомничат за проневера, перење пари и други злоупотреби.

Според Финансиската полиција, првоосомничениот во периодот од 2015 до 2018 година, заедно со раководителката на финансии, незаконски присвоил над 127 милиони денари, додека второосомничениот, кој ја предводел ФФМ од 2018 до 2019 година, се сомничи дека присвоил уште над 53 милиони денари.

Истражителите тврдат дека преку стотици налози за исплата биле реализирани плаќања без соодветна документација, а парите биле исплаќани врз основа на фактури со невистинита содржина издадени од повеќе фирми.

Во денешната акција приведени се 12 лица, додека уште петмина во моментов не се достапни за органите на прогонот. Одземени се парични средства, документација и електронски уреди, кои ќе бидат предмет на дополнителна анализа.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.