Од Фондот за здравствено осигурување информираат дека со воведувањето на нова генеричка терапија на позитивната листа, осигурените лица добиваат дополнителна можност за лекување на товар на Фондот, без доплата на разлика во цената. Според ФЗОМ, ваквиот пристап овозможува поголема достапност на терапијата и финансиско олеснување за пациентите, а примената на генерички лекови е во согласност со практиките во развиените европски здравствени системи и препораките на Светската здравствена организација.
Сепак, дел од пациентите кои со години ја користат терапијата „Фостер“ изразуваат незадоволство од промените. Лекот, кој на македонскиот пазар е присутен од 2009 година, и понатаму е достапен, но корисниците посочуваат дека неговата цена значително се зголемила.
Според нивните реакции, една пумпа „Фостер“ содржи 120 дози, а кај пациентите со потешки форми на астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) потребни се повеќе дози дневно, особено во почетните фази на влошување на состојбата. Тие тврдат дека досегашниот трошок по доза бил значително понизок во споредба со новата цена.
Во изминатите денови на социјалните мрежи беа објавени бројни реакции и фотографии од фискални сметки од аптеки, а пациентите најавуваат и официјални претставки до Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и Министерството за здравство. Нивното барање е да се преиспита одлуката и да се овозможи враќање на претходниот ценовен режим за лекот што досега го користеле.
