Откако го легнала на земја, мечката со заби го фатила за левата слабина, го држела кратко, а потоа избегала. Така останав здрвен некое време, па се освестив, сведочи 76-годишниот Минче Рамчески од селото Пласница кој вчера беше нападнат од мечка на потегот помеѓу селото Пласница и Ораоец, во рамки на Општина Македонски Брод.
Излегов да берам дренки и кога по пат седнав да се одморам од нигде никаде пред мене излезе мечката, сведочи 76-годишниот Минче Рамчески од селото Пласница, за кого ЦУК објави дека вчера бил нападнат од мечка.
Во разговор со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, мажот раскажува како бил нападнат од мечката откако рано утрината околку 8:30 часот излегол од дома и тргнал да бере дренки.

Полека со стапчето појдов и стигнав до Горно село, тоа старо село е. Тука барав дренки, најдов по некоја и седнав на патот. Го оставив стапчето и запалив цигара. Така си седев кога одеднаш, не знам како се најде тука, одеднаш пред мене се појави мечката. Ме турна, ме легна долу и јас само се фатив вака, се пазев. Сакав да ѝ дадам отпор ама не можев, што да правам. Се исплашив многу, вели 76-годишникот што вчера беше нападнат од мечка.
